Ербен Бојку се бараше со потерница поради убиство

Во полициската акција „Бегалец“ синоќа се уапсени синовите на Дилавер Бојку, Ербен и Бесник. Акцијата ја извеле припадници на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ на МВР и на Одделот за потраги околу 21:45 часот. Тие ги пресретнале браќата на регионалниот пат Струга – Дебар на влезот во селото Велешта, ги опколиле и ги лишиле од слобода. Браќата биле вооружени со пиштоли. 35-годишниот Ербен Бојку се бараше по три централни и една меѓународна потерница по наредба на Основниот суд во Струга поради убиство, нелегална трговија со оружје и други кривични дела. Тој има вкупна затворска казна од 21 година. Брат му Бесник Бојку е приведен поради поседување оружје. Нивниот татко, Дилавер Бојку – Леку, беше осуден за нелегална проституција. Во август 2017 година беше убиен во Струга пред своето кафуле.