ВЕСТИЗДРАВСТВОМАКЕДОНИЈА

Еве како работат модуларните болници во Струга и Охрид

Двете модуларни болници во Струга и Охрид, после трагичниот настан во Тетово, без проблеми и понатаму примаат пациенти болни од Ковид 19. Но, првите луѓе не сакаа да зборуваат пред камера за актуелните прашање поврзани со безбедноста на овие центри низ државава. Се согласија само на телефонски разговори.

Директорите на болниците во Струга и Охрид, Арменд Арслани и Горан Балески не сакаа да зборуваат за состојбата. Велат дека ситуацијата била сензитивна и оти за модуларните болници одговорите требало да ги дава Министерството за здравство.

Струшката модуларна болница, иако била готова уште во месец јануари, во употреба била пуштена дури на крајот на април. Претходниот директор на болницата, Мухамед Асани, телефонски денеска ни кажа дека не го потпишал решението за нејзин прием поради, како што вели – помали недостатоци. Но, во болницата немало ни апарати за гаснење на пожари, па, сегашниот директор Арслани вели дека биле донесени од други оддели.

„ППА апаратите се од други оддели каде нема потреба од нив. Во тек сме на набавка на она што ќе ни биде потребно, а тоа се нови вакви апарати…“, рече Арменд Арслани, Директор на општа болница Струга.

Директорот на болницата во Охрид вели дека имаат апарати за гаснење на пожари, но не и систем за рана детекција на пожари, а така – вели тој – било во сите модуларни ковид-центри.

„Модуларната болница која досега не покажа никакви недостатоци, ја чекавме како топол леб. Да не се модуларните болници, системот ќе крахира“, вели Горан Балески, Директор на општа болница Охрид.

Од двете болници велат дека имаат доволно персонал и оти е строго забрането влегување на други лица.

„Бев да му однесам еден сок на болниот. Роднина ми е. Ми дозволија само до вратата, а потоа не ми дозволија. Го предадов на докторот“, вели еден граѓанин.

Во Струга се хоспитализирани 28 ковид пациенти, од нив 17 во модуларната, а останатите на интерното одделение. Во Охрид, во модуларната болница моментално има 22 пациенти.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button