Еве со кои пари Владата ќе го полни огромниот буџет догодина

Владата планира од домаќинствата и стопанството да собере 4,6 милијарди евра. Од нив над 500 милиони евра се резервирани за плати за администрацијата, што претставува зголемување за пет отсто од лани. Но, тоа е најмногу поради зголемениот број на вработени под државна капа, а не поради растот на платите кај административните службеници. Во однос на справувањето со кризата, Владата предлага да се одвојат 250 милиони евра. Во однос на капиталните инвестиции кои секоја година се проектираат на високо ниво, а потоа нивната реализација никогаш не надминува 80 отсто, за идната година Владата планира да потроши близу 800 милини евра. Планира изградба на патишта, училишта, канализации, водоводи и слични проекти. Но, колку од овие пари ќе бидат скратени, ќе се знае веќе со првиот ребаланс на буџетот кој редовно се прави кон средината на годината.
Трошоци на буџетот за 2023 година:
567 милиони евра плати за администрација
250 милиони евра за енергетската криза
790 милиони евра за капитални инвестиции
Секоја година предлог-проектираната државна каса е поголема во однос на претходната.
Освен од даноци и останати давачки на граѓаните и фирмите, државниот буџет според планот на владата ќе се полни и преку нови задолжувања. Издавањето на еврообврзница е неизбежно бидејќи дупката во државната каса изнесува 700 милиони евра. Плус се планираат задолжувања кај домашните банки, а нови кредити за покривање на стари долгови ќе се земаат и од меѓународни финансиски институции.
Во годината што следи, добар дел од домашните но и меѓународните институции и експерти прогнозираат дека е можно продлабочување на глобалната економска кризата. Но, нашата Владата за догодина тврди дека ќе порасне бројот на вработени лица, дека платите ќе растат, а цените и трошоците на живот ќе се намалуваат и стабилизираат.
Иле Петревски