Евродипломат: Одлуката во ЕУ за Северна Македонија зависи од земјите членки и волјата на партнерите

Висок ЕУ дипломат изутринава на брифинг со новинарите се осврна на проширувањето и изгледите за Северна Македонија да ја одржи првата Меѓувладина конференција со Унијата во декември, нагласи дека сѐ уште е рано да се шпекулира, јави дописничката на МИА од Брисел.
Утре се одржува првиот формален Совет за општи работи на министрите за европски прашања на ЕУ. Иако проширувањето не е на агендата, не е исклучено министрите да ја покренат темата доколку оценат дека е потребно, посебно во пресрет на лидерскиот самит ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи во Словенија на 6 октомври.
На брифингот денеска во Брисел, висок дипломат од земја членка не сакаше да шпекулира за шансите до декември да се деблокира состојбата за Северна Македонија и конечно ЕУ да го исполни ветувањето, дадено во март 2020, дека земјата, заедно со Албанија, треба да ја одржат првата Меѓувладина конференција со ЕУ и со тоа да ги започнат формално преговорите за членство во ЕУ.
Северна Македонија и натаму е блокирана од Бугарија, каде изборите се презакажани за ноември, што не остава многу време до декемврискиот самит на лидерите на ЕУ да се надмине ветото.
Надежта во Брисел е дека самитот во Брдо кај Крањ во Словенија на 6 октомври ќе овозможи напредок, велат дипломатите.
– Се подготвува самитот на 6 октомври и работиме на неговиот исход, уверен сум дека ќе биде успешен. Словенечкото претседателство ќе се обиде најдобро да се справи со сите прашања поврзани за проширувањето и Меѓувладината конференција во наредните месеци, но ќе зависи од политичката состојба во земјите членки, како и од волјата на партнерите да се оди напред, изјави за МИА висок дипломатски претставник на земја членка на ЕУ.