ВЕСТИСВЕТ

Европската унија договори нов пакет санкции против Русија

Претставниците на земјите членки на Европската унија постигнаа политички договор за нов пакет санкции кои вклучуваат ограничување на цената на нафтата, на што некои членки досега се противеа.

Ова е осми пакет санкции од почетокот на војната во Украина. Овојпат беа поставени правните основи за воведување ограничувања на цената на нафтата, за што се договорија земјите од Г7, но не и Европската Унија.

Се уште не е позната точната цена која ќе биде одредена. Конечниот нацрт на новите мерки, вклучително и ограничувањето на цената на нафтата, се очекува да биде потпишан денеска или утре. Во секој случај, тој ќе биде потпишан пред средбата на лидерите на земјите членки на Унијата, која почнува во четврток во Прага.

Забраната за најголем дел од увозот на сурова нафта од Русија ќе стапи на сила во декември. Увозот на јаглен веќе е укинат, а испораките на гас од Русија во Европа се строго ограничени – прво поради игрите за моќ на Путин, а потоа и заради саботажата на двата подморски гасоводи Северен тек.

Сепак, претставници на неколку земји-членки изразија загриженост за влијанието на новите мерки врз нивната економија. Малта, Грција и Кипар, чии флоти танкери носат најголем дел од руската нафта, беа загрижени за можното влијание на мерката врз нивните поморски индустрии. На Малта, Грција и Кипар, меѓу другите, ќе им биде дозволено да извршат проценка на влијанието на мерките.

Претходно, рускиот претседател Владимир Путин и се закани на Европа поради најавите за ограничување на цената на руските енергетски производи. Воедно рече дека ќе ја прекине испораката на сите енергетски производи доколку продолжат санкциите.

Пакетот санкции против Москва пред неколку дена беше предложен од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, откако рускиот претседател се закани со нуклеарно оружје и мобилизираше стотици илјади резервисти.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button