
Европскиот план што го прифатија Косово и Србија на состанокот на 27 февруари во Брисел, а за чија имплементација разговараат Албин Курти и Александар Вучиќ во Охрид, има за цел страните да ги почитуваат меѓусебните суверени права, независноста, автономијата, суверенитетот, територијалниот интегритет, правото на самоопределување и заштита на човековите права и недискриминација.
Планот предвидува признавање на релевантни симболи и документи со што би се овозможил слободен проток на луѓе и стоки. Првиот член вели: Двете страни меѓусебно ќе ги признаваат релевантните документи и националните симболи, вклучувајќи пасоши, дипломи, таблички на возила и царински печати.
Во членот 2 од предлогот се вели дека: Двете страни ќе се раководат од целта и принципите наведени во Повелбата на Обединетите нации, особено оние поврзани со суверените права на државите, почитувањето на нивната независност, автономија и територијален интегритет, правото на самоопределување, заштитата на човекови права и недискриминација
Членот 4 вели дека: Страните тргнуваат од претпоставката дека ниту една од овие две не може да ја претставува другата страна во меѓународната сфера или да дејствува во нејзино име. Србија нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација.
Што се однесува до правата на српската заедница во Косово, предлогот предвидува нивна заштита. Исто така, се вели дека врз основа на инструментите на Европскиот совет и постојните европски искуства, страните ќе се заложат да обезбедат оваа заедница да има соодветно ниво на самоуправа во Косово, како и да ужива право на финансиска помош од Србија. Исто така, со овој предлог страните се согласуваат меѓусебно да не се попречуваат кога е во прашање членството во меѓународните организации. Во точката 10 од Договорот за нормализација меѓу Косово и Србија, се наведува дека двете страни ја потврдуваат својата обврска за спроведување на сите минати договори за дијалог, кои остануваат валидни и обврзувачки, вклучително и оној за Заедницата.
Шкелзен Аќифи