Фатмир Бесими контра синдикатот: „Да не бараат пари од Финансии“
Фатмир Бесими контра синдикатот: „Да не бараат пари од Финансии“

Синдикалците да не бараат од Министерството за финансии зголемување на платите. Според министерот Фатмир Бесими, неговото министерство не е надлежно да зголемува плати, ниту да преговара со синдикатите. Вели дека негова работа е само да пресмета дали има простор во буџетот да се одвојат пари за тоа. По реакцијата на Сојузот на синдикати дека во ребалансот на буџетот ги нема ветените 2.806 денари, Бесими одговара:
„Не е адресата Министерството за финансии. Важно е да знаеме дека во делот на преговори ние во конкретниот случај во фаза кога се работеше ребалансот, немаше завршени преговори или решение, ние не можеме да предвидиме работи кои не се дефинирани. Дека е ветено нешто, тоа не можам да ви го потврдам, во однос на ребалансот. Но, дека се разговара, се разговара“, изјави Фатмир Бесими- Министер за финансии.
Од Сојузот на синдикати оставаат рок до утре владините претставници да ги повикаат на средба. Ако нема напредок, ќе донесат одлука за генерален штрајк.
„Ова што го збори министерот за финансии за нас не е оправдание бидејќи тој е дел од владините министри и сигурно е запознаен со она што се преговара во општиот колективен за јавниот сектор, а тоа беше едно линеарно зголемување од 2.806 денари по вработен. Во ниеден случај не е оправдување тоа што немаме потпишано, а ни беше начелно ветено согласно новиот ребаланс на буџетот“, рече Дарко Димовски- Претседател на ССМ.
Кон средината на април владините претставници и ССМ соопштија дека започнале дијалог за потпишување на нов колективен договор во кои ќе биде и зголемувањето, а сето тоа поради растот на цените и на потрошувачката кошничка. Но, досега не се реализираше нивна втора средба.
Андреа Чобанова