Филипче им се обрати на граѓаните, еве што кажа

Досегашниот министер за здравство Венко Филипче во денешното видео обраќање истакнува дека му било чест и задоволство во изминатите четири години да им служи на граѓаните заедно со кои, како што посочува, поминале многу во историски најтешкиот период за македонското здравство, а поддршката која ја добивале им давала сила да продолжат напред и да ја водат битката со пандемијата. Тој им се заблагодарува на неговите колеги здравствените работници.
-Нивната пожртвуваност и посветеност заслужуваат најголема почит, а јас и понатаму ќе продолжам да се борам за нивните права и достоинствен третман од страна на државата. Ви се заблагодарувам уште еднаш на сите кои ја препознавте посветеноста и трудот со кој работев, но и на оние кои добронамерно ме критикуваа и советуваа. Заминувам од позицијата министер горд на сработеното знаејќи дека се што направивме, секоја одлука која ја донесовме ја носевме исклучиво во интерес на здравјето и заштита на граѓаните. Со оваа мисија продолжувам да работам и понатаму, вели Филипче.
Потенцира дека и покрај сите предизвици со глобалната ковид криза успеале да направат темелни промени во здравството и да реализираат инвестиции на кои, како што посочува, е навистина горд.
– Го вративме достоинството и мотивацијата на здравствените работници со покачување на платите како никогаш порано. Тие сега земаат повисоки плати од 25 до 40 отсто, а специјализантите за првпат се платени додека специјализираат, потенцира Филипче.
Тој посочува дека верувам дека новата Влада ќе продолжи да ги покачува платите, бидејќи здравствените работници тоа го заслужуваат. Се грижевме, вели Филипче, за сите пациенти подеднакво како и за оние кои порано беа игнорирани и заборавани.