Филипче: Термини за вакцинирање добија сите граѓани над 40 години од Скопје

Министерот за здравство Венко Филипче денеска преку својот фејсбук профил информира дека термини за вакцинација добиле сите граѓани над 40-годишна возраст од Скопје, кои до 30 април изразиле желба за вакцинирање преку веб-страницата „www.vakcinacija.mk“.
Како што посочува министерот, во текот на следните три дена и од останатите градови во земјава, термини за вакцинирање ќе добијат граѓаните над 40 годишна возраст, кои до крајот на април изразиле желба за вакцинирање преку оваа веб-страница.
Филипче информира дека од вчера почна и вакцинација на пациентите со дијализа и со трансплантација.
-Од вчера почна вакцинацијата и на пациентите кои се на дијализа, како и пациентите со трансплантација. Имунизацијата во државата се одвива со засилено темпо, најлесен начин да се вакцинирате е со пријавување на www.vakcinacija.mk,пишува Филипче на Фејсбук.