Фирми поврзани со семејството Крмзови од Струмица направиле штета од 94 милиони евра

Финансиски криминал од епски размери – над 37 милиони евра заработиле фирми поврзани со струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов и тоа од поврат на ДДВ преку фиктивни фактури, додека направената штета врз државната каса е околу 95 милиони евра, откри Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Во оваа истрага вклучени се 23 физички и 15 правни лица, а сите фирми биле поврзани меѓу себе и преку добро организирана шема ги заобиколувале законите.
„Злоупотребите се правени на следниот начин – една фирма продава деловен простор на друга фирма, таа друга фирма си бара поврат на ДДВ од државата, а првата воопшто не го плаќа тој данок затоа што не е извршена првичната трансакција меѓу фирмите. Сумите кои биле наведувани при меѓусебната продажба на деловните простории достигнувале и до 20 илјади евра по метар квадратен“, велат од ОЈО ГОКК.
За сето ова да биде возможно, меѓу овие 23 лица истрага се води и против осуммина инспектори вработени во Управата за јавни приходи во Струмица кои замижувале при изготвувањето на лажните фактури и тоа во период од пет години – од 2019 до 2024 година. Под истрага се и четворица сметководители кои ги изготвувале фактурите. Покрај преку продажба на недвижни имоти, односно деловни простории, со кои е направен најголем процент од причинетата шета, Крмзов и неговите соработници имале и други шеми преку кои успевале да дојдат до лесна заработка и да го оштетат буџетот.
„Злоупотреби се правеле и преку лажни консигнации – стока од една фирма била давана на чување на друга фирма која е фиктивна и не постои, а потоа се продавала без да се плати данок, за тој данок на промет потоа да биде побаран назад од државата“, додаваат од ОЈО ГООК.
Третата линија преку која овие фирми се богателе според Обвинителството е со лажно уништување градежна опрема. Покрај бизнисменот Ристо Крмзов, како главни осомничени во овој случај се неговите внуци од брат и сестра, како и други директори и сопственици на фирми, сите поврзани меѓу себе. Најголем дел од опфатените во истрагата се товарат за повеќе кривични дела и тоа „злосторничко здружување“, „даночна измама“ и перење на пари“, додека осуммината инспектори од УЈП се товарат за делото „несовесно работење во службата“. Крмзов вчера беше лишен во слобода и веќе се наоѓа во 30-дневен притвор во затворот во Шутка, а предистрагата за овој случај почна пред девет месеци кога полицијата изврши упад во фирмите поврзани со овој струмички бизнисмен.
Михаило Донев