Фон дер Лајен: Ќе отидам во Белата куќа тогаш кога ќе имаме пакет со решенија за трговските прашања

Ќе отидам во Белата куќа тогаш кога ќе имаме пакет со решенија за трговските прашања со кој ќе се согласиме со американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„За мене е важно ако одам во Белата куќа да имам пакет и сакам да имам решение за кое двајцата можеме да се согласиме, тоа е она на што работиме во моментов во рамки на разговорите со САД“, рече Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Брисел.
Таа додаде дека не би сакала да навлегува во детали за текот на преговорите и посочи дека во разговори ништо не е договорено додека на биде постигнат договор за целиот пакет.
Фон дер Лајен нагласи дека во тој правец ЕУ предложи модел на „нула за нула“ царини од двете страни на Атлантикот.