
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Тирана изјави дека процесот на проширување на Европската унија повторно доби замав и дека Унијата сега многу поинтензивно соработува со Западен Балкан. Фон дер Лајен по пристигнувањето на самитот ЕУ-Западен Балкан рече дека овој нов импулс во процесот на проширување се докажува со многу почести средби отколку во последните години. Потсетувајќи дека неодамна ги посетила сите земји од Западен Балкан, дека се одржал самитот на Берлинскиот процес и дека пред неколку месеци веќе бил одржан самит ЕУ-Западен Балкан, таа нагласи дека тоа е многу јасен напредок.