ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Франција воздржана околу стартот на преговори со ЕУ

Париз се надева на значителен напредок во евроинтеграцијата на Македонија, но ниту ветува, ниту прогнозира кога би започнале преговорите со Брисел. Францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер вели дека граѓаните од земјава се европски народ и еден ден ќе бидат дел од Унијата.

„За оваа тема нема некој утврден точен рок, затоа што тој рок зависи од Меѓувладината конференција која ќе го означи почетокот на преговорите и во овој момент е невозможно да се утврди точен датум“, изјави Сирил Бомгартнер – амбасадор на Франција.

Амбасадорот ова го истакна презентирајќи ги приоритетите на француското евро-претседателство на седница на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието. Кажа и дека вчера вицепремиерот Никола Димитров покренал реакции во јавноста, но воедно му се заблагодари за градењето пријателски односи. Од своја страна, Димитров истакна дека случајот со Македонија е тест за Европа, бидејќи како што вели, неуспехот би бил пораз за сите. Вицепремиерот не беше оптимист за скоро решение со Бугарија, за разлика од сопартиецот на Бујар Османи и претседател на собраниската Комисија за европски прашања, Арбер Адеми. Но, неговиот говор Димитров не успеа да го чуе затоа што реши да ја напушти седницата. Адеми пак, очекува нови моменти во дијалогот со Софија. И од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат нови моменти од дијалогот, но на товар на Скопје.

„Никола Димитров однапред знаел за подготовката на ваквиот можен следен штетен Договор со Бугарија, но додека бил функционер во Владата молчел, а откако видел дека нема да биде член на Владата, се решил да прозбори, што е неморално“, рече Антонијо Милошоски – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО побараа оставки од Димитров и од Бујар Османи и порачаа да не се поставуваат нови рокови за почеток на преговорите, за да нема нови разочарувања. Инаку, додека и Франција и Бугарија порачуваат процесот да не се обврзува со рокови, единствено заменик – помошникот на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, рече дека очекува проблемите да се надминат во следниве шест месеци.

Новинар: Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button