ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Функционерите на ДУИ, по втор пат осудени на 3,6 години затвор

По три години и шест месеци затвор, за Исмет Гури и Ејуп Алими од редовите на ДУИ, денеска беа изречени во повтореното судење за предметот „Титаник 3“ во Кривичниот суд во Скопје. Двајцата беа прогласени за виновни за уништување на изборен материјал, односно дека на локалните избори во 2013 година ги менувале записниците за гласање во Чаир. Судијката Марија Марковска, изрече идентични казни како и на првото судење во март 2020 година, кое беше поништено од Апелациониот суд, кој предметот го врати на почеток. Судијката Марковска, при соопштувањето на пресудата ги кажа овие детали.

„Обвинетиот Гури е виновен, бидејќи за време на локалните избори во Општина Чаир, во 2013 година, заедно со сведоците Блерим Мухаџери и Ќани Точи, го фалсификувале записникот од гласањето. Додека обвинетиот Алими е виновен за незаконски дејствија за уништување на изборен материјал. Претставникот на обвинителството имал право да одлучи кој ќе биде вклучен во обвинението, односно лицата Мухаџери и Точи во овој случај се појавиле како сведоци“, рече Марија Марковска, судија во Кривичен суд Скопје.

И оваа пресуда не е конечна, и функционерите на ДУИ имаат право на жалба. Одбраната на осудените рече дека ќе поднесе жалба на судската одлука во законскиот рок во втор степен. Обвинетите ќе се бранат во слобода. Во јули 2021 година, Апелациониот суд во Скопје ги прифати жалбите на обвинетите Исмет Гури и Ејуп Алими, и ја поништи првостепената пресуда за „Титаник 3“.

Двајцата првостепени осуденици се единствените актуелни функционери на ДУИ, кои добија пресуда за предметите отворени од поранешното Специјално јавно обвинителство. Исмет Гури во моментов е заменик администратор во УЈП, а Ејуп Алими е државен советник во Министерството за политички систем на чело со Артан Груби.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button