Гаши: Во секое време може почнеме со уставни измени, но како држава сме во временски теснец

Во однос на условувањето од Бугарија, Парламентот е подготвен во секое време да го започне процесот на уставни измени што земјата ја држат во застој. Сепак, потребен е консензус и политичка волја процесот да продолжи напред во согласност со стандардите на ЕУ и тој да не биде попречен од билатералните прашања, изјави претседателот на Собранието Африм Гаши, на Седмата пленарна конференција на НКЕУ-МК. Оценува дека како држава сме во временски теснец и оти треба да бидеме премногу умешни да ја најдеме вистинската формула како да постапиме.
Гаши, во обраќањето на Седмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија, нагласи дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за унапредување на процесот во евроинтеграции и оцени дека секоја држава која сака да стане членка на ЕУ треба да ги реши билатералните прашања без тие да влијаат во напорите за реализација на европските интеграции.
-Силно верувам дека проширувањето е можно ако регионот е тесно поврзан со ЕУ преку поврзување на заедничките вредности, демократија. Јакнењето на врските со соседите е неотуѓив дел од нашата стратегија на европските интеграции, рече Гаши.