ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Газдите на плажи во Охрид со истечени концесии: „Оставете нѐ да работиме до септември“

Досегашните концесионери на плажи од Охрид бараат општината да ги одложи активностите за уривање до крајот на туристичката сезона, односно до средината на септември или до изнаоѓање соодветно решение. Тие во писмен допис до општината бараат да биде свикана седница на Советот за да се отвори дискусија за уривањата, како и за статусот на угостителските објекти лоцирани во крајбрежниот појас.

„Привремено регулирање на односите на постојните вршители на дејност на угостителските објекти лоцирани на крајбрежјето. Изнаоѓање на преодно решение за усогласување на објектите согласно препораките на УНЕСКО и постојната регулатива“, се наведува во барањата на концесионерите на плажи во Охрид.

Од општината за Алсат најавија дека став за барањето ќе донесат утре. А, сето ова доаѓа, откако градоначалникот Константин Ѓеорѓиевски пред два дена соопшти дека досегашните концесионери во период од четири години, колку што работеле на диво поради истечени договори за концесија, остварувале огромни приходи. Една од плажите остварила приход од дури 3 милиони евра. Во меѓувреме, денеска неколку багери чекаа наредба да дејствуваат. Се чека одлука од општината за отстранување на платформите и објектите кои навлегуваат во езерото. Поранешни концесионери негодуваат за ваквите постапки.

„Ако се донесе таква одлука, ние сме немоќни и ќе мора да постапиме како што ни е наложено. Охрид се соочува со многу поголеми проблеми. Урбанизацијата на Охрид не се плажите. Дај да ги решиме другите 1.000-2.000 дивоградби што се кои навистина пречат“, рече Димитар Пендов-поранешен концесионер на плажа.

А, за состојбата на другата страна на езерото, во Струга, Државниот завод за статистика вчера излезе со обемен извештај. Во него, се наведува дека во Струга не била урната ниту една дивоградба и оти објекти се легализирале без комплетна документација.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button