ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Гази Баба не открива кога ќе почне да го користи албанскиот јазик

Гази Баба не открива кога ќе почне да го користи албанскиот јазик

Општина Гази Баба функционира само на македонски. Документацијата, седниците на советот, веб-страницата, печатите и таблите се само на македонски. До објавувањето на резултатите од последниот попис, оваа општина немаше обврска да го спроведува Законот за употреба на јазиците. Но, резултатите од пописот покажаа дека Албанците во општина Гази Баба сочинуваат повеќе од 20% од населението. Поради тоа сега општината има законска обврска да го воведе албанскиот како втор официјален јазик. Од Гази Баба велат дека ќе направат план, но не соопштуваат детали.

„Во однос на резултатите од пописот на населението во општина Гази Баба, одржана е средба меѓу претставниците на општината и Агенцијата за јазици, на која е договорено во следниот период да се изготви акциски план за спроведување на законски одредби. Сè што е утврдено меѓу Агенцијата и општината треба да се спроведе и ќе се реализира согласно утврдените рокови“, велат од Општина Гази Баба.

Од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците велат дека општините не треба да чекаат известување од други институции за спроведување на Законот за јазици.

„Никој не треба да ги информира општините за спроведувањето на Законот за употреба на јазиците, туку тие треба да го почитуваат овој закон бидејќи законот важи за сите општини во Скопје“, нагласуваат од Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Имплементацијата на законот прво треба да се најде на дневен ред на седницата на Советот на општина Гази Баба на која 17 советници се од ВМРО, 7 од СДСМ, двајца од Левица и еден од ДУИ. Советниците на ВМРО денеска не ни дадоа коментар за ова прашање. Според последниот попис, Албанците сочинуваат 20,3 отсто од вкупниот број жители во оваа општина. На пописот од 2002 година овој процент беше 17,21.

Еви Шкопи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button