ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Годината 2021-ва запаметена по енормниот раст на цените на храната

Цените на пченицата, пченката и сончогледот во 2021 година беа првите знаци дека светот ќе се соочи со поскапување на речиси сите цени на производи. Во првите шест месеци од годината цените на овие производи достигнаа рекорд на светските берзи како одговор на намаленото производство, а зголемената побарувачка. Речиси сите земји ја зголемија проекцијата на стапката на инфлација во нагорна линија.

Кај нас, од првично планираната стапка на инфлација од 2,2 проценти, Народната банка во есенските проекции ја ревидираше на 3,1 за 2021-ва. Првиот аларм за опасноста од енормниот раст на цените во земјава стигна од стопанственици кои поради зголемените цени на суровините и енергенсите, алармираа дека е можно храната да поскапи за 50 насто и повеќе.

„Се очекува поскапувањето на крајните производи да биде од 40 до 50 проценти, а тука секако треба да се додаде и новата цена на енергенсите“, рече Васко Ристовски- Стопанска комора.

Владата во целиот период тврдеше дека состојбата не е толку алармантна. Но, граѓаните секој месец се соочуваа со повисоки цени на рафтовите во продавниците, почнувајќи од цената на маслото која достига и 120 денари за литар. Поскапеа и зеленчукот, овошјето, млечните производи. Ова го евидентираше и Државниот завод за статистика во сите објавени месечни извештаи. Владата по два месеца од првиот аларм донесе одлука да ги замрзне цените на основните прехранбени производи до 31 јануари 2022 година.

„Оваа одлука ја донесовме имајќи ги во предвид податоците од државниот завод за статистика за цените во домашниот пазар во месец октомври“, рече Крешник Бектеши-Министер за економија.

Во 2022 се очекува стабилизација на цените, но стапката на инфлација ќе се врати на нивото од два проценти дури во 2023-та.

Годината која измина Светската организација на храна ја прогласи како година во која дополнителни 44 милиони луѓе биле втурнати во сиромаштија.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button