СПОРТФУДБАЛ

Голем удар за Италија, Берарди го пропушта Европското во Германија

Стандардниот италијански фудбалски репрезентативец Доменико Берарди ќе мора да го пропушти Европското првенство во Германија, поради пукната Ахилова тетива која му беше констатирана откако мораше да го напушти теренот во 60. минута од неделниот натпревар со Верона.

„Испитувањата покажаа дека Доменико Берарди страда од целосно кинење на Ахиловата тетива на десната нога“, објави италијанскиот прволигаш Сасуоло во соопштение за медиумите.

За 29-годишниот напаѓач тоа беше прв натпревар откако повеќе од еден месец помина надвор од теренот поради повреда на коленото.

Сасуоло соопшти дека Берарди ќе биде опериран во вторник, недавајќи други детали за неговата повреда или проценка кога одличниот стрелец и додавач би можел да се врати на теренот.

Доменико Берарди беше еден од главните напаѓачи на новиот италијански селектор Лучијано Спалети, кој ја презеде репрезентацијата во август минатата година. Во сениорската репрезентација дебитираше во јуни 2018 година и забележа вкупно 28 настапи, на кои постигна осум гола. Беше дел од репрезентацијата која ја освои титулата европски првак во 2021 година, а настапи на шест од седумте натпревари што Италија ги одигра на тој шампионат.

На Европското првенство во Германија, италијанците ќе играат во групата Б заедно со Хрватска, Шпанија и Албанија.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button