ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Голема енергетска криза ја одбележи 2021 година

Ако првата година помината во пандемија ќе ја паметиме по здравствено-економската криза, втората пандемиска година 2021-ва, со сигурност ќе остави белег по енергетската криза. Од почетокот, па сè до средината на годинава, никој сериозно не предупреди дека во Европа ќе завладее енергетско цунами. Во првите шест месеци, на глобално ниво, побарувачката на струја беше енормно намалена, а со тоа и производството беше далеку од вообичаеното.

Во Македонија, на крајот на јули цената на струјата за домаќинствата се зголеми за 7,4 отсто, или во просек една сметка од 1.500 денари, се зголеми за 100 денари. Во исто време, Владата донесе одлука во траење од една година да го намали ДДВ-то на електричната енергија од 18 на 5 отсто. Одлуката важи од први јули 2021, до истиот месец следната 2022 година.

Во следните два месеца од власта почнаа да стигнуваат првите сигнали дека домашното производство на струја е сè помало, хидроелектраните поради сушата се празни, а јаглен за во термоелектраните има сè помалку. Се случи и интервентниот увоз на струја и тоа беше првиот знак дека работата не оди на арно.

Во сушниот период државните електрани произвеле за 30 отсто повеќе струја отколку што било годишно планирано, а тоа експертите го нарекоа врв на недомаќинско работење. Први, енергетската криза ја почувствуваа компаниите кои добија повисоки сметки за струја најмалку за 60 отсто, поради слободниот пазар од каде купуваат струја, а тој е диктиран од глобалните берзи. Таму дојде до висок раст на цената.

За надминување на кризата власта реши да се обиде да увезе значително количество на јаглен и во погон да ги стави третиот блок на РЕК Битола, термоцентралата Осломеј, како и централата Неготино, којашто работи на мазут, но која со години не произведувала струја.

Експерти-енергетичари постојано предупредуваа дека цената за домаќинствата од Нова Година ќе биде сериозно зголемена. Но, државните институции тврдат дека поскапувањето нема да биде над 10%.

Инаку, за само неколку месеци штетата која ја направи енергетската криза досега изнесува над 250 милиони евра.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button