ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Горивото и маслото за чамци го загадуваат Охридското езеро

Горивото и маслото за чамци го загадуваат Охридското езеро

Големи количини на моторно масло и гориво секојдневно се излеваат во Охридското езеро. Причина се моторите на бензин кои се користат во пловните објекти.

Загадувањето на езерото е загрижувачко, признаваат и самите сопственици на бродови и кајчиња. Човечкиот фактор, велат е единствената причина за уништувањето на езерото.

“Знаете ли вие колку пловни објекти има? Резервоари се полнат овде. Колку глисери има, по една капка да фрлиме. Јас самиот двапати сум паднат со канти“, рече Димитри Чекреџи-сопственик на кајче.

Поради ваквата состојба, некои ја заговараат идејата на Охридското езеро да се започне со еколошка трансформација на пловилата. Тоа значи – фокусот да се стави врз пловни објекти кои би работеле со помош на електрични мотори. Едрилиците се типичен пример за еколошки пловила.

“Рачунајте дека еден глисер од 1.000 коњи од овде до Свети Наум, ќе стигне за 15 минути и ќе потроши 100 литри гориво, а ние 100 литри гориво, за неколку години ќе потрошиме.“, изјави Будимир Соколовиќ-претседател на едриличарска федерација на Македонија.

Но, за бензинските да се заменат со електрични или ветерни пловила, потребна е и соодветна инфраструктура. Некаде ќе треба да се полнат и батериите со струја. Сопствениците на катамарани и чамци кои пловат на мотори на фосилни горива сметаат дека ваквата еколошка замена засега е речиси невозможна.

“Овде да се реализира со три-тонски чамец, еколошко моторче на струја со сончева енергија е невозможно. Ако ставиш ти овде 10 луѓе и да снема струја, што ќе им правиш на луѓето – капете се! Кого ќе бараш? Знае ова езеро да се збудали за 5 минути и каде ќе одиш?!“, додаде Димитри Чекреџи-сопственик на кајче.

Инаку, долги години се заговара и изградба на нова градска марина во Охрид каде би имало посебни локации каде пловилата би точеле гориво, а не со канти и туби како што се случува сега.

Но, сите овие ветувања на политичките партии од пред секои избори, засега остануваат само на хартија./Alsat.mk

Новинар: Мики Трајковски

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button