Град Скопје и скопските градоначалници формираа заедничка инспекција

Инспекторите во скопските општини од 1 јануари заеднички ќе вршат контроли против загадувачите. Градоначалниците на општините во Скопје и Градот денеска потпишаа меморандум за соработка, но не и за ресорот градежништво. Инспекторите од сите скопски општини нема заеднички да лоцираат дивоградби како што беше првичната замисла на скопскиот градоначалник. Шилегов денеска вели дека за заеднички градежни инспекции моментално има пречки, а тоа ќе биде случај со преземањето на ингеренциите.
„Јас најавив дека ќе побарам законски измени за секторот градежништво во делот на градежниот инспекторат во моментов постои формална пречка за да можеме да имаме вакво здружување. Не постои недостаток на волја, меѓутоа од формален аспект имаме пречки во законот за градење. Кога ќе се смени тоа, така ќе настапиме бидејќи немаме двојба никој од нас тука 11 луѓе дека тоа нешто треба да биде исто така координирано“, рече Шилегов.
Заедничките инспекции на општините во Скопје ќе бидат за ресорот животна средина, но и во прекршувањата на комуналните закони. Вкупно 115 инспектори од сите општини ќе ги вршат инспекциите во градот. Инспектор вработен во една општина ќе може да врши контроли и во друга општина.
„Кога сме кај дивите продавачи, тоа е проблем во себе и се радувам што вашиот медиум се занимаваше многу во последно време. Вие земавте изјави од пазарен инспекторат каде имавме дискоординација на меѓу институции и се разбира кога говориме за животна средина, инспекторатите ќе бидат на терен ќе ја вршат својата задача, каде треба да се интервенира, да се заплени робата и така натаму“, рече Висар Ганиу, градоначалник на Чаир.
„Да ги спроведеме сите мерки и активности коишто ќе одат во правец за заштита на човековата околина, секако и преземање мерки кон несовесните граѓани кои истураат кабаст отпад, шут, палаење на гуми и така натаму, без разлика на која општина и територија се наоѓа. Мислам дека мапирањето на таквите средини секоја од општините ги има“, рече Борис Георгиевски, градоначалник на Гази Баба.
Меѓуопштинскиот договор за инспекциите за животна средина и комуналии треба да биде одобрен од Советот во сите скопски општини.
Игор Стефановски