ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Владините министри не го испочитуваа рокот за недела – неработен ден

Владата не признава дека избрза со најавата за недела да биде неработен ден. Сите рокови за да се подготви законскиот текст со кој ќе се регулира ова право на работниците се пречекорија. Властите не откриваат дали бизнис секторот им врши притисок да не се донесе таква одлука и правилата да не се менуваат.

„Консултациите на ресорното министерство со другите министерства и со приватниот сектор, со коморите е во тек. Ќе се земат во предвид сите предлози и сугестии што доаѓаат од приватниот сектор, и предлогот ќе биде доставен до владата. Знаеме дека неколку дена повеќе од тоа што беше предвидено, но очекуваме да имаме предлог кој ќе биде опфатен од сите страни“, рече Мухамед Хоџа портпарол на влада.

Вчера истече рокот од седум дена кој министерката за труд Јагода Шахпаска им го даде на нејзините колеги да и достават предлог листа на дејности кои во недела нема да работат. Но, министрите не успеаа да се договорат со приватниот сектор во рокот кој им го даде министерката Шахпаска.

„Во согласност со Одлуката на Владата недела-неработен ден треба да биде за сите граѓани, освен за оние дејности кои се неопходно за непречено функционирање на општеството, како што е здравството, одбраната, полицијата, социјалната заштита, комуналните дејности, тешката индустрија“, наведуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Најавата дека се подготвува законско решение со кое недела ќе биде неработен ден за сите граѓани ја објави премиерот Зора Заев на својот Фејсбук профил уште на трети минатиот месец. Заев тогаш го задолжи ресорното министерство за труд во рок од 15 дена да подготви предлог закон, но од тогаш до денес се поминати 29 дена. Но сега најавите се дека предлог законот би се нашол на владина седница идната недела. Засега информациите се дека угостителите, трговците на мало како и туристичкиот сектор побарале да продолжат да работат во недела, а трговијата на големо да биде ослободена од обврски тој ден. Синдикатот смета дека доколку не се донесе закон кој ќе биде во корист на сите работници, подобро да не се менува Законот за работни односи.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button