ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Градоначалникот на Арачиново неповреден, другите двајца хоспитализирани

Градоначалникот на Арачиново неповреден, другите двајца хоспитализирани

Ридван Ибрахими бил цел на вооружениот напад што се случи денеска во Арачиново. Тој не бил повреден, но од пукањето со калашников биле ранети двајца негови соработници, односно возачот и уште еден вработен во општината. Мотивите за инцидентот сè уште се нејасни.
Сведоци велат дека пукањето се случило додека градоначалникот Ридван Ибраими заедно со неговите соработници вршеле увид во изградбата на патишта. Според нашите извори, лицето кое пукало ѝ е познато на полицијата затоа што и претходно се занимавало со криминални активности. Но, од МВР засега не ги откриваат неговите иницијали.

„Денеска (01.04.2024) во 13.25 часот во СВР Скопје е пријавено дека на влез на с. Арачиново машко лице со автоматска пушка пукало кон градоначалникот на о. Арачиново Р.И., кој бил заедно со уште неколку лица. При тоа повредени се две лица кои биле заедно со градоначалникот. Градоначалникот не е повреден, а не се точни ниту шпекулациите објавени во дел од порталите дека е повреден полициски службеник. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Директорот на Клиниката за торакална хирургија, каде биле однесени ранетите, соопшти дека пациентот кому му била извршена операција е во стабилна состојба, но ноќта ќе ја помине на интензивна нега. Како последица на сериозни повреди при интервенцијата морало да му биде изваден дел од десното белодробно крило.

„Станува збор за 21-годишен пациент со прострелни рани во десниот граден кош. Пациентот пристигнал во шок, веднаш била извршена обемна хируршка интервенција, констатирана е повреда во горниот дел на десното белодробно крило, тој дел од белите дробови е отстранет. Пациентот моментално е стабилен, ноќта ќе ја помине на интензивна нега, на респиратор“, рече Неџати Јакупи, Директор на клиниката.
Другиот повреден на возраст од 39 години и тој е хоспитализиран во Градската болница во Скопје и е во стабилна здравствена состојба. На градоначалникот Ридван Ибраими во изминатиот период неколку пати му се заканува по живот, па дури лани од безбедносни причини на неколку дена вратите на општината беа затворени./Алсат.мк

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button