Граѓаните плаќаат улично осветлување за темни улици

Да се корегира давачката за улично осветлување на сметките за електрична енергија која стружани ја плаќаат. Ваква иницијатива до надлежните институции поднесе адвокатот од Струга, Глигорие Ќатоски. Градот е без струја во ноќните часови, како дел од мерките за штедење. Но и покрај тоа, износот на комуналната такса за јавно осветлување си остана иста.
„Согласно тарифен број 10, став 3 од Тарифата за комунални такси комуналната такса за јавно осветлување ја наплаќа ЕВН во име и за сметка на општината. Во една ваква ситуација сметам дека oпштина Струга, а и сите општини во државата кои воведоа рестрикции во јавното осветлување треба да го корегираат износот кој граѓаните го плаќаат на име комунална такса за јавно осветлување за процент на денот, односно период од денот во кој е воведена рестрикцијата на јавното осветлување“, рече Ќатоски.
Со цел вистинска заштеда на средства за граѓаните, вели Ќатоски, Општина Струга и другите општини треба да донесат одлуки со коi ќе го намалат износот на оваа давачка.
Повеќе од две недели Струга е во мрак. Уличните светилки низ градот се исклучуваат навечер. Состојбата е иста речиси низ целата општина. Стружани прашуваат во чиј џеб завршуваат сега нивните пари за услуга што не ја добиваат.
„Невозможно е Струга да биде без струја. Струга е туристички град и треба да има струја. Но, ова е само една пропаганда што ја прават.“
„За осветлувањето ние плаќаме 190 денари. Но, сега навечер нема струја, темно е и не личи. А, фактурата доаѓа, а ние не знаеме парите кај одат“, реагираат граѓаните.
Од општина Струга веќе информираа дека ова се прави затоа што со буџетот за годинава не било предвидено поскапување на струјата со три и четири пати повисоки сметки.
Мики Трајковски