
Националната координаторка за имунизација, Александра Грозданова во неделната онлајн дискусија организирана во Лекарска комора изјави дека вакцините за заштита од ковид-19 и по појавата на Делта сојот обезбедуваат висока заштита од вирусот, ја намалуваат потребата од хоспитализација и компликации од болеста, a нивната комбинирана употреба може да создаде поширок имунолошки одговор.
„Студии направени во Велика Британија и во Шпанија покажаа одличен ефект од комбинација на Астра Зенека и Фајзер, комбинирање на Астра Зенека со Спутник, како и комбинација на Фајзер со Џонсон и Џонсон“, вели Грозданова.
Според неа, во моментов има 185 вакцини кои се во пред-клиничка фаза, 40 се во различни фази на клиничко испитување, 21 вакцина се достапни во светот од кои само 8 имаат добиено одобрение за пуштање во употреба.