Хан: Непочнувањето на преговори со Севрна Македонија и Албанија е неуспех за Унијата

Непочнувањето преговори на Северна Македонија и Албанија за пристапување кон Европската унија е јасен неуспех на Унијата, нагласи поранешниот еврокомесар Јоханес Хан во излагањето на панел дискусијата „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан“, која денеска се одржува во Охрид во рамките на „Преспа форумот за дијалог“.
Хан, чие име е поврзано со клучни политики со проширувањето на Унијата, а сега надлежен за Буџетот изрази жалење за таквиот чекор, посочувајќи дека Европската комисија донесе многу извештаи за испорачани резултати на двете земји.
– Многу беше кажано за неспособноста на ЕУ да ги започне преговорите за пристапување кон Унијата за Северна Македонија и Албанија. И јасно е дека нема што да кажам во врска со ова. Ова е јасен неуспех од наша страна и жалиме дека сме таму и зошто е така. Јасно и потвдено е дека ЕК донесе многу извештаи дека овие земји испорачаа резултати и отсекогаш велевме откако тие ќе испорачаат, мораме и ние да испорачаме резултати, а ние тоа не го направивме досега. Затоа се надевам дека словенечкото претседателство, иако шест месеци е кратко време, но во политиката некогаш може и да биде доволно за да се постигне нешто, рече Хан.