ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Хаос со пописот, отчукува часовникот за утрешниот старт, а тој сè уште не е одложен

Законот за попис кој е во сила обврзува тој утре да мора да почне. До доцна попладнево во Парламентот немаше закажано седница на која би почнала постапката за одложување на пописот, нешто што мора да се направи само преку измени во Законот. Претседателот на Парламентот Талат Џафери денеска изјави дека ваквиот хаос е последица на фактот дека тој не бил присутен на мини-лидерската средба меѓу Заев и Мицкоски. Според спикерот, постапката за измена на законот, според Деловникот, може да трае и неколку денови.

„Ниту јас како претседател на Собранието како институција Парламент, не можам да се водам од политичките одлуки што ги носат внатре и надвор бидејќи работата на Парламентот се заснова на роковите предвидени со Деловникот“, изјави Талат Џафери, Претседател на Собранието.

Во Собранието денеска се одржа координацијата на спикерот и пратеничките групи на која се зборуваше за динамиката на деблокирање на Собранието, вклучително и за други закони кои долго време се заглавени во процедурите.

Премиерот Заев искоментира дека постапките на Собранието се исклучива надлежност на спикерот. Според него, иако пописот легално почнува утре, немало логика Заводот за статистика да почне со негово спроведување.

Албанската опозиција најави дека ќе спречи одложување на пописот за време на гласањето со Бадентер, меѓутоа тие имаат само 12 од 41 пратеник од заедниците.

„Ние ќе го промовираме Бадинтер за одредено прашање, да ги освестиме пратениците Албанци во Собранието дека не смееме да дозволиме некој со потсмев да го сфати процесот на попис и камуфлирајќи го со здравствената безбедност и пандемијата, да носи политички одлуки“, рече Скендер Реџепи, Алијанса за Албанците – Алтернатива

Но, ДУИ го поддржува одложувањето и ќе гласа за тоа.

„Ги добивме вакцините и ќе го започнеме процесот на имунизација на граѓаните од едната страна, од друга страна, не треба да им дозволуваме на македонските опозициски партии да го нарушуваат кредибилитетот на овој процес. Заинтересирани сме да имаме кредибилен процес за тој да заврши“, истакна Арбер Адеми, координатор на пратеничката група на ДУИ.

Од Заводот за статистика воопшто и не ја коментираа одлуката за одложување на пописот.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button