ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Христијан Мицкоски со порака до бугарскиот државен врв

„Артан Груби, Бујар Османи и Али Ахмети лицитираат со промена на Уставот, а тоа го потврдува администраторот Димитар Ковачевски“. Вака гласи одговорот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски прашан дали ги поткопува македонските преговарачки позиции со неговата изјава дека нема да поддржи, како што рече, шверцерско решение со Бугарија. Лидерот на опозицијата упати порака и до бугарскиот државен врв.

„ВМРО-ДПМНЕ таков пазар, скриен и позади очите на јавноста, идната Влада, што и да се договори, еве ова е порака и до Петков и до Радев и до сите останати што го фасилитираат тој процес – нема намера да поддржи“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека напротив, преговарачките позиции би се засилиле доколку власта ја поддржала Декларацијата за Гоце Делчев. Од друга страна, премиерот Ковачевски повторно го истакна значењето на Делчев за државноста, но не ја искоментира најавата на опозицијата дека нема да даде поддршка за можното решение со Бугарија.

„Гоце Делчев е основоположник на македонската национална борба, којшто се борел за независна македонска држава, којашто ние денеска ја живееме, којашто е членка на НАТО, којашто е на чекор до отворање на преговорите со ЕУ, штом ќе се реши прашањето со Република Бугарија“, рече Ковачевски.

Премиерот нагласи дека во моментов отворените политички прашања со Софија се разговараат на ниво на експерти, но и до какво решение да дојдат, тоа ќе треба да го одобрат и институциите. Ковачевски денеска остварил и телефонски разговор со холандскиот колега Марк Руте, со кого заклучиле дека дијалогот Скопје – Софија ќе овозможи заеднички прифатливи решенија за отворените прашања за двете страни и оти тоа ќе ја забрза одлуката за одржување на првата Меѓувладина конференција.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button