ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во близина на училиште, фабрика за марихуана – жители на струшки села најавуваат протести!

Жителите на неколку струшки села се загрижени што на само сто метри од основното училиште во селото Дрслајца, каде што учат нивните деца, се гради фабрика за производство на марихуана. Велат дека е недозволиво во близина на образовна институција да има ваква постројка. Собираат потписи за петиција, која ќе ја испратат до Министерството за здравство и другите институции, со која бараат оваа фабрика да не биде ставена во функција.

„…. Сите се плашат зошто е дрога, а на 50 метри е училиштето. Нормално е дека не е добро тука да се гради таа фабрика“, рече Славко Милошески претседател на месна заедница во Дрслајца.

„Каква заштита ќе имаме на нашите деца кои се во близина на 50-100 метри, кои идат тука, кои шетаат“, изјави Ацо Попоски-претседател на месна заедница од село Мороишта.

Во ова основно училиште учат околу 150 деца од трите струшки села, Дрслајца, Мороишта и Ложани.

„Државните институции треба да поведат внимание за овие работи. Има еден сомнеж кај народот што има позади тие големи ѕидини“, вели Никола Климоски-граѓанин.

Од министерството за здравство за Алсат појаснија дека решението за одобрение за одгледување на канабис за медицински цели било издадено во 2019 година, а сопствениците биле државјани на Албанија.

„Законот никаде не предвидува каде треба да биде лоциран или сместен објектот предвиден за одгледување на канабис за медицински цели“, наведуваат од Министерството за здравство.

Министерот за образование вели дека е запознаен со случајот. Но, тој не одговори на новинарско прашање дали би испратил негово дете да учи во близина на таква фабрика.

„Запознаен сум со случајот. Но, се знаат кои се надлежностите на Министерството за образование во конкретниот случај…“, рече Јетон Шаќири- министер за образование.

Доколку нема решение на проблемот, жителите на трите села најавуваат порадикални мерки, како што се протести и блокади.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button