ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Нов булевар во Скопје

Предизборна градежна инвазија и во индустриската зона Визбегово. На месец дена до локалните избори, властите, како на граѓаните, а пред се на бизнисмените од овој дел на главниот град им ветија нови булевари, кружни текови и мостови. На промоцијата на проектот, каде освен видео бим, се собраа и двајца градоначалници и двајца вицепремиери. Се планира од Момин Поток до семафорите или еден километар кон зоната да има булевар со шест ленти, за потоа да има драстично стеснување до пред железничкиот надвозник бидејќи тој не смее да се чепка и потоа по индустриската зона да се протега булеварско решение со четири ленти и треба да се поврзе со автопатот кој завршува до косовската граница. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов тврди дека проблеми со експропријација нема да има, но тој не кажа колку од моменталните парцели на објектите каде ќе поминува булеварот ќе треба да се намалат, односно да им се скратат стопанските дворови или паркинзите на фирмите.

Изведбата на булеварот заедно со експропријацијата која што треба таму да биде извршена, зборуваме за булевар со четири ленти, велосипедски патеки, средишно зеленило низ зоната и тоа треба да чини околу шест милиони евра по проценките кои што ги имаме направено – изјави Петре Шилегов градоначалник на Скопје.

Според неколкуте најави, ова булеварско решение кое треба да го носи името Хасан Приштина треба да се спои со децениски ветуваниот автопат до границата со Косово. Последната најава за овој автопат беше лани, кога властите изјавија дека целиот автопат од 12,5 километри ќе биде готов за три години. Засега е неизвесно дали градежните работи на трасата ќе се одвиваат по зацртаната динамика со оглед на фактот дека голем број на граѓани реагираа и не ги отстапуваат своите имоти на државата на место каде што треба да поминува автопатот, со образложение дека не се согласуваат со сумата која им е понудена за експропријација на земјиштето. Жителите најавија и тужби доколку не се промени цената која според нив била за 10 пати пониска од пазарната.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button