
Поскапувањето на храната ги загрижи граѓаните. Велат се откажуваат и од некои производи кои се елементарни за да се заокружи месецот. Податоците на заводот за статистика во извештаите на месечната кошничка од претходните месеци постојано покажуваа пораст на трошоците за потрошувачката кошничка. Граѓаните чувствуваа како да добиваат се помалку производи, додека паричниците побрзо им се празнат и тоа предизвикува загриженост кај нив.
„Да, зголемувањето на цените го чувствуваме. За оние кои имаат веројатно не се чувствува, за политичарите не се чувствува, за големите бизнисмени не, но другите го чувствуваат. И тоа не е само за новогодишната ноќ, тоа е секојдневие. Одиш на маркет и гледаш, кога ќе дојде на каса гледаш што си земал и дали ќе имаш пари да платиш“, се жалат граѓаните.
Според последните статистички податоци, на четиричлено семејство му требаат 34.342 денари за да го помине месецот со најосновните работи за живот. Анализите покажуваат дека трошоците за живот постојано растат додека платите остануваат исти.
Еви Шкопи