ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

И покрај поевтините горива, таксистите возат по скапа цена

Такси-компаниите во моментов не размислуваат да ги намалат цените на услугите. И покрај тоа што цената на дериватите е намалена, граѓаните ќе продолжат да плаќаат повеќе за поаѓање и за секој поминат километар, исто како кога цените на горивата го допреа врвот. Таксистите се правдаат со нестабилноста на пазарот на деривати и зголемувањето на останатите трошоци.

Пред енормниот раст на цените на бензините и дизелот, граѓаните плаќаа по 40 денари за старт и 25 денари за километар. Сега поаѓањето е 50 или 60 денари, а километарот 30 или 35 денари, во зависност од фирмата.

„Имаме три тарифи, 40 денари, таа е првата тарифа, но нафтените деривати се покачија, бевме принудени да ја кренеме цената. 40 со 25 е првата тарифа, втората е 50 денари со 30 денари километар и третата тарифа е 60 со 35 денари. Не е доволно бидејќи сè уште немаме доверба во оваа состојба, во дериватите, ова е приватна компанија… Ако сепак има намалување на цената на дериватите и ние ќе намалиме, нема проблем…“, рече Фаик Сулејмани, претставник на такси компанија.

Граѓаните сметат дека цените на такси услугите се високи, а возењето го сметаат за луксуз.
Но, има и граѓани кои сметаат дека таксито кај нас е многу поевтино во споредба со другите земји.

Инаку, таксистите се револтирани од состојбите во нивната бранша. Не може да добијат лиценци без да поседуваат жолти таблички, но од друга страна не можат да добијат такви таблички ако немаат лиценца. Бараат да се укине новиот Закон за патен сообраќај за да можат на одредено време да добијат дозволи со регуларни бели таблички, а потоа да се снабдат со жолти. Поради ваквиот проблем со процедурите, таксистите велат дека околу 300 таксисти и околу 200 такси возила не можат да даваат услуги.

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button