ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

И руски свештеник персона нон-грата, „разузнавал“ низ Скопје

Од македонските власти нема потврда дали и руски православен свештеник добил забрана за влез во земјава, покрај тројцата руски дипломати од Амбасадата во Скопје. Тие минатава недела беа прогласени за непожелни личности. Голем број интернет медиуми пишуваат дека непожелна личност за Македонија е и Васијан Змеев, кој е руско свештено лице, челник на Руската црква во Бугарија, но одговара и за територијата на Македонија.

Според написите, тој минатата година зачестил со посети во земјава и остварувал средби со претставници на Македонската православна црква. Веста од Скопје предизвика реакции и во Бугарија и тоа во момент кога во Софија тече расправа кој да го назначува шефот на разузнавачките и контраразузнавачките служби. Во моментов тоа е претседателот на државата Румен Радев, но Владата на Кирил Петков и Бојко Борисов сакаат да му ги одземат овие ингеренции. Според пратеникот од партијата на Кирил Петков, Атанас Атанасов бугарското контразузнавање соработува и со Русија и како пример го посочи рускиот свештеник.

„Тој оди таму да ги извршува функциите на руското контраразузнавање, со цел да создаде раскол во Македонската црква. Мала Македонија, со нејзините служби кои не знам колку се ефективни, констатирале дека рускиот свештеник кој живее служи во Руската црква тука во центарот на Софија, се занимава со разузнавање во Македонија и е избркан оттаму, а тој пет години живее во Бугарија. Го прашувам бугарското контраразузнавање, зарем не се срамат?“, рече Атанас Атанасов – пратеник од „Продолжуваме со промената“.

Васијан Змеев пред пет години бил назначен на чело на Руската црква во Софија и неколку пати доаѓал и во Македонија. Во земјава во јануари годинава пристигна и рускиот свештеник Антониј кој одговара за дипломатските односи во Руската црква. Тогаш претседателот Стево Пендаровски рече дека нема проблем со посетата на рускиот митрополит, сè додека таа е во рамки на црковните прашања. Сепак, тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин, како што рече, неспорно ја користи црковната дипломатија како една од своите алатки во светот да ја оправда војната во Украина.

Инаку, како што вчера соопшти МНР, пред пет дена биле прогласени 3 лица од руската амбасада за персона нон грата, со образложение дека ја прекршиле Виенската конвенција за дипломатско однесување. Од официјална Москва најавија контрамерки.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button