Иџет Мемети во Советот на обвинители

Иџет Мемети и официјално положи свечена изјава пред претседателот на Собранието, Талат Џафери. Чинот следуваше откако пратениците со 61 глас „за“ изгласаа Мемети да биде нов член на Советот на обвинители. Тој одново добива работен ангажман преку Парламентот – каде на два наврати беше биран за Народен правобранител каде вкупно на позицијата остана 16 години. Откако церемонијата заврши, Мемети најави дека ќе даде изјава. Застана пред камерата, но брзо се предомисли.
„Благодарам, некој друг пат…“, рече Мемети.
Одлуката Мемети ја донесе само во неколку секунди. Останавме покуси за одговорот – дали ќе се снајде во улогата на член на Советот на обвинители? Дали е соодветно од позиција на Народен правобранител експресно да се трансферира во Советот на обвинители со политичка поддршка која му овозможи два мандата Народен правобранител претходно. Дали е избран благодарение на ДУИ и коалицискиот договор со СДСМ?
Опозициските албански партии, уште пред една недела остро реагираа на предлогот Мемети да стане нов член на Советот на обвинители. Објаснија дека партиите ја диктираат правдата во земјава. ДУИ пак, се бранеше дека Мемети бил единствен кандидат Албанец кој се пријавил на огласот.
А, денеска, освен Мемети, за нов член на Советот на обвинители беше избран и адвокатот Љупчо Ивановски. Инаку Советот има 11 члена. Четири ги бира Собранието политички.
И токму ова тело кое има политички избрани членови, ќе биде дел од Советот на реформи во правосудството каде ќе се усвојува методологијата за прочистување на судството и обвинителството од корумпирани судии и обвинители.
Бојан Стојановски