Идниот премиер Ковачевски најавува фокус на економијата

Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Димитар Ковачевски, во новогодишното обраќање до граѓаните најавува дека во 2022 тој и неговиот тим „мотивирано влегуваат во нов почеток“ и дека ќе работат на подобрување на животниот стандард.
„2022 година ќе биде година на нови предизвици, особено во делот на енергетиката и пандемијата со коронавирусот, но ќе биде и година на нови заеднички успеси на општествен, социјален и пред се економски план. Со фокус на економијата, ефикасност на институциите, одговорност и чесност да го подобриме животниот стандард на граѓаните. Минималната плата мора да продолжи да расте, а со неа ќе растат и просечната плата, пензиите, додека невработеноста и натаму ќе опаѓа. Тоа ќе го постигнеме со одговорна и посветена работа, заедно со мојот тим и заедно со вас граѓаните“, порачува Ковачевски.