„Има слика, нема тон“, синоќа медиумите ставени на принуден изборен молк

Дали изборниот молк требаше да продолжи и по 19 часот и дали претседателот на ДИК има право да носи такви одлуки? Се чини дека и надлежните институции не знаат како да одговорат на овие прашања. Доцнењата од еден или два часа на некои избирачки места поради нефункционирање на фингерпринт уредите, направи гласањето во некои избирачки места да продолжи до 22 часот. Во 19 часот медиумите не знаеја дали треба да продолжат со молкот или да ја емитуваат планираната програма. Како да се постапи во таква ситуација и кој треба да донесе одлука, одговор нема ниту Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, два часа пред крајот на изборниот процес, излезе на прес-конференција на која навести дека ниту ДИК не знае како да ја реши настанатата ситуација.
Два часа подоцна, во 19 часот, Даштевски излезе со друга изјава велејќи дека изборниот молк продолжува до 19:30 часот.
И додека традиционалните медиуми го почитуваа изборниот молк, онлајн изданијата веќе почнаа да ги објавуваат политичките изјави. Од Агенцијата велат дека законот важи и за интернет – медиумите, но оти мониторингот врз нив не е во нивна надлежност. Изборниот молк не заврши ниту во 19 часот, кога се затворија повеќето избирачки места во земјава, ниту со затворањето на последното избирачко место во 22 часот во Лабуниште, туку заврши во 19:30 часот.
Evi Shkopi