ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Иницијативите на Антикорупционерите остануваат на хартија ако не се постапува по нив

Бескорисно е што Антикорупциската комисија работи квалитетно ако по нејзините иницијативи институциите не постапуваат, вели поранешниот прв човек на Комисијата, Драган Малиновски. Тој додава дека работата на антикорупционерите не смее да се гледа изолирано од соработката со останатите институции со цел да произлезе ефективен епилог во општеството. Минатата година биле реализирани само 14 проценти од мерките од националната стратегија на Антикорупциска комисија, а според Малиновски проблемот е во немањето политичка волја.

„Мерките и активностите дефинирани во националната стратегија се усогласени со институциите кои треба да ги спроведат, така што и роковите кои беа димензионирани при изработка на Стратегијата се на некој начин искомуницирани и усогласени со овие институции. Сега се се сведува на политичка волја за да се имплементираат тие мерки“, вели Драган Малиновски – поранешен антикорупционер.

Вчера претседателката на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска сподели и дека од 56 иницијативи за кривично гонење на функционери и службеници во рамки на пет години, за ниту една од нив Обвинителството не покренало обвинение. Таа порача дека се потребни темелни реформи во правосудството, а за тоа треба искрена желба од страна на политичарите, а не само декларативни заложби. Малиновски смета дека е потребен поширок консензус и недвосмислена волја за борба против корупцијата.

„Треба владејачките гарнитури, дали на централно или на локално ниво да постигнат консензус дека владеењето на правото е императив и од тоа почитувањето на законите е обврска за секој од нив. Ако околу тоа се постигне консензус, мислам дека понатаму ќе можат да се постигнат некакви резултати“, додава Малиновски.

Претходно и во Извештајот на Европската комисија беше истакнато да продолжат напорите за подобрување на функционирањето на Антикорупциската комисија, како и дека Акцискиот план продолжува да се одвива многу бавно. Во поглавјето посветено на корупцијата, Брисел не нотираше напредок. Инаку, в понеделник е закажана последната седница на актуелниот состав на ДКСК, предводена од Билјана Ивановска, а на нејзино место на осми февруари ќе застане ревизорката Татјана Димитровска.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button