Инциденти пред белградското Собрание, активисти протестираат против буџетот

Активистите на иницијативата „Мостот останува“ и граѓани на 25 декември се собраа пред Собранието на град Белград на протест на кој, како што велат, сакаат да го спречат донесувањето на „коруптивниот буџет“ на главниот град.
Во еден момент дојде до туркање меѓу дел од толпата и обезбедувањето на собранието. Дел од активистите успеаја да го пробијат безбедносниот кордон и влегоа во градскиот парламент. Набрзо на влезот биле распоредени припадници на жандармеријата и ситуацијата се смирила.
Најголемиот дел од насобраните се пред зградата на улицата, каде што поставија голем транспарент „Корупцијата убива“.
Меѓу нив има и пратеници од опозициските партии. Мила Поповиќ, пратеничка од опозициската Партија на слободата и правдата, за медиумите изјави дека некои граѓани се обиделе да влезат во Градското собрание и да го спречат донесувањето на буџетот за кој сметаат дека е корумпиран.
„Овој буџет е само рамка за збогатување на новокомпонираната прогресивна елита и за натамошно уништување на Белград. Од него се гледа дека сите капитални инвестиции стојат во место, а се е направено во интерес на инвеститорите блиски до српската Прогресивна партија“, рече Поповиќ.