Избори, недојасности околу терминалите за отпечатоци
Одредбите од Изборниот законик што предвидуваат употреба на терминали за идентификација со отпечатоци, како и опрема за проверка на документи за идентификација, се очекува повторно да бидат разгледани, разјаснети или укинати во целост. Постапката за обезбедување опрема преку јавен повик сè уште не е започната, токму поради овие нејаснотии. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски, за Алсат изјави дека по состанокот со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на ДИК ќе и биде појасно дали овие одредби кои што се во моментов и се однесуваат на овие уреди, се или не се применливи. Се очекува да се дефинира и нивната количина и потребните финансиски средства. Шефот на ДИК, сепак, изјави дека има доволно време за набавка и пуштање во употреба на опремата, бидејќи до изборите остануваат уште осум месеци. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги покани институциите да ги исполнат своите обврски кон ДИК, за спроведување на Законот.
Изгледа и СДСМ не се откажала од одлуката за користење терминали за отпечатоци, почнувајќи од локалните избори.
Од ДУИ не одговорија на прашањето дали се за евентуално укинување на законските одредби за терминалите. Од Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива изјавија дека се подготвени да ги поддржат сите дополнителни измени во Изборниот законик, за да се овозможи примената на терминали за отпечатоци од прсти.
„Промените во Изборниот законик се секогаш неопходни во однос на обезбедување европски и демократски стандарди на изборниот процес, без разлика дали се локални или парламентарни избори. Во согласност со овие измени, Изборниот законик треба да се усогласи со цел да се олесни создавањето на технички услови за примена на терминали за регистрација на отпечатоци од прсти, што сметаме дека е еден од начините да се избегнат злоупотреби на избори“, велат од Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Во февруари 2020 година, непосредно пред распуштањето на претходниот состав на Собранието, политичките партии со консензус усвоија измени и дополнувања на Изборниот законик, кои предвидуваат потврда на идентитетот на гласачот преку техничка опрема. Видот на опремата, количината и другите детали не се споменуваат. Прашањето за терминалите за отпечатоци од прсти на изборите се дискутираше меѓу работните групи на политички партии за Изборниот законик, состаноци што се одржуваа надвор од медиумското внимание. Меѓу другото, партиите ја отворија темата за отворени листи на избори и една изборна единица. Отворените списоци се очекува да бидат имплементирани на локалните избори во октомври, но сè уште не се дел од Изборниот законик.
Фатлуме Дервиши