Извештај на ЕК: Препораките на Антикорупциска не се спроведуваат

Во Извештајот на Европската Комисија работата на Антикорупциската комисија е повторно оценета како проактивна, но во него се заклучува дека нејзините препораки слабо се имплементираат од страна на институциите. Според поранешниот член на ДКСК, Драган Малиновски самата ефективност на комисијата во голем дел зависи токму од соработката со останатите институции.
„Работата на Антикорупциската комисија не може и не смее да се гледа изолирано и ние да бидеме задоволни ако таа продуцира тоа што од нејзе се очекува и ревносно си ја врши работата, доколку немаме епилог и да има соодветен ефект во општеството. Џабе ако Антикорупциската комисијата работи квалитетно ако по нејзините иницијативи едноставно не се постапува и едноставно другите институции не го препознаваат проблемот онаков каков што е“, рече Драган Малиновски – поранешен член на ДКСК.
Според Малиновски, за да се надмине ваквата состојба потребно е да се постигне консензус во владејачките структури на централно и локално ниво дека владеењето на правото е императив. Малиновски вели дека само ако се постигне ваков консензус , ќе има конкретни резултати.
„Нашиот проблем е во немањето на политичка волја. Со години наназад, со децении, ние немаме јасна и недвосмислена политичка волја за справување со корупција. Таа секогаш била на декларативно ниво и тоа е проблемот. Инаку, доколку се сака, сметам дека се може да се воспостави ред и да се воспостават принципи на владеење“, додава Малиновски.
Во Извештајот на Европската комисија се вели дека треба да продолжат напорите за подобрување на функционирањето на Антикорупциската комисија, особено со доделување дополнителни средства за регрутирање на специјалистички кадар. Воедно се додава дека имплементацијата на националната стратегија за спречување на корупција и Акцискиот план продолжува да се одвива многу бавно. Во ова поглавје посветено на корупцијата, Брисел не нотираше напредок.
Лука Андреев