Извештај на ЕП за Србија: ЕУ да ја преиспита финансиската помош за Белград, доколку тој продолжи да ги поддржува антидемократските идеологии

Србија бележи позитивни резултати во макроекономската стабилност и фискалната дисциплина, но нема напредок во владеењето на правото и слободата на медиумите, а загриженост предизвикуваат и блиските односи со Русија, се оценува во Извештајот на Европскиот парламент за Србија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во документот усвоен денеска од страна на Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) со 55 гласа „за“, 13 „против“ и 8 „воздржани“, европратениците ја повикуваат Србија „сериозно да ја покаже“ својата стратешка ориентација кон ЕУ, а од Унијата бараат да го преиспита обемот на финансиската помош за земјата, доколку таа продолжи да ги поддржува антидемократските идеологии и не успее да се усогласи со санкциите на ЕУ и заедничката надворешна и безбедносна политика.
– Српските власти треба да покажат силна политичка волја и доследност во спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ и недвосмислено да комуницираат со граѓаните за Унијата и за европскиот пат на Србија, се наведува во Извештајот.
Во документот се посочува дека Србија е на „добро ниво“ на подготовка во однос на макроекономската стабилност и фискалната дисциплина, но дека има „ограничен“ или „никаков“ севкупен напредок во исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ во клучните области како што се владеењето на правото, слободата на медиумите, реформите во јавната администрација и усогласувањето со политиките на Унијата, особено во делот на надворешната политика.
– Блиските односи на Србија со Русија предизвикуваат загриженост за нејзината стратешка ориентација, оценуваат европратениците.
Во текстот се посочува и дека темпото на пристапните преговори на Србија зависи и од нејзината посветеност на дијалогот Белград-Приштина, кој „треба да се води со добра волја за да се обезбеди правно обврзувачки договор заснован на взаемно признавање“.