ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Извештај на „Греко“ за правосудството, црната дамка останува

Правосудниот систем остава црна дамка во најновиот Извештај на ГРЕКО посветен на спроведувањето на препораките што се однесуваат на спречување на корупција меѓу пратениците, судиите и обвинителите. Иако се бележи напредок, бидејќи 14 од вкупно 19 препораки се имплементирани, останува уште работа во поглед на правосудството. ГРЕКО нотира дека не е ревидиран дисциплинскиот режим кој се применува за обвинителите.

„ГРЕКО препорача да се ревидира дисциплинскиот режим кој се применува за обвинителите со цел јасно да се дефинираат повредите и да се прошири опсегот на санкциите со цел да се постигне поголема пропорционалност, а особено да се обезбеди разрешувањето на обвинителите да биде возможно само за најсериозните случаи на повреди“, нотира ГРЕКО.

Како што се додава во Извештајот, со Законот за јавното обвинителство се стеснил, наместо да се прошири опсегот на казни за обвинителите. Од домашните власти тие добиле ветување дека ќе работат на измени на Законот и ГРЕКО ги охрабрува тоа што поскоро да го сторат.

Во меѓувреме, критиките продолжуваат и за членувањето на министерот за правда во Судскиот Совет, по службена должност. За оваа препорака да се имплементира, потребна е промена во Уставот, а дотогаш министрите за правда кај нас самоиницијативно не присуствуваат на седниците на Советот за макар де-факто да се почитува оваа препорака.

„ГРЕКО повторува дека секогаш постои ризик од политичко влијание и при отсуство на формално право на глас, па дури и при отсуство на формално и лично присуство на министерот за правда на состаноците…“, се додава во Извештајот.

ГРЕКО, односно Групата на земји против корупцијата на Советот на Европа, изразија жалење и што нема подобрување во поглед на системот на санкции предвиден со Законот за спречување на корупција и судир на интереси, доколку се констатира прекршување на етичките стандарди и интегритетот кај пратениците.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button