Јанева и Јаќимовски, ставени на американската црна листа
Јанева и Јаќимовски, ставени на американската црна листа

Американскиот Стејт департмент ја прошири црната листа на САД со актуелниот прв човек на општина Карпош Стевче Јакимовски и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. На листата на странски санкции се додадени и нивните деца. Од САД појаснуваат дека Јакимовски и Јанева со своите постапки го нарушиле владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси.
„За време на нејзините службени должности како поранешен специјален главен обвинител, Јанева беше вмешана во коруптивни дела, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и службена моќ за лична корист. Има веродостојни информации дека Јанева барала и примила мито за да влијае на одлука под нејзина надлежност“, велат од Стејт депертмент за Катица Јанева.
За Јакимовски, во соопштението на Стејт департментот на САД се наведува дека како градоначалник на Општина Карпош бил вмешан во коруптивни дела.
„Службената положба ја користел да влијае во урбаниот развој на Општината, во процесите за јавни набавки, со цел преку нив да прибави корист за себе и своите соработници„, велат од Стејт департмент за Јаќимовски.
Американската амбасадорка во Скопје Агелер рече дека вклучувањето на Јакимовски и Јанева на американската црна листа не треба никого да изненади и дека сите корумпирани функционери ќе бидат ставени на списокот со санкции.
„Народот заслужува правда и одговорност од институциите за да се запрат криминалните дејствија и да се спречи ракот на корупцијата“, нагласи Ангела Агелер, амбасадор на САД во Скопје.
На листата на санкции од Западен Балкан е додаден и поранешниот градоналалник на косовската општина Качаник Џабир Жарку поради вмешаност во коруптивни дела./Алсат.мк