Јаневска очекува петте нови закони во образованието да бидат изгласани во Собранието во ноември

Се очекува во ноември да се најдат на гласање пред пратениците петте закони што веќе се ставени на јавна расправа, како законите за основното образование, за средното, за средното стручно образование, законот за образование на возрасни и законот за национална рамка за квалификации. Ова денеска од Прилеп го изјави министерката за образование Весна Јаневска одговарајќи на прашањето до каде се измените за најавените законски регулативи во образовниот систем.
„Овие закони се како работни верзии истакнати на веб-страницата на министерството. Тие веќе се готови и се ставени на јавна расправа. Тоа значи дека секој што има забелешка може да ја даде, а потоа ние да ја разгледаме. Доколку сметаме дека е прифатливо се разбира дека ќе биде вклопено во законот. Пристапни се до сите чинители што го сочинуваат образовниот систем, како наставници, родители, повозрасни ученици и администрацијата. Се надевам дека и нашите странски партнери ќе ги погледнат законите и ќе дадат свои сугестии“, вели таа.