ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Јануари клучен за короната, нема ублажување на мерките најрано до 21-ви месецов

Иако МВР процени дека немало поголеми прекршувања на заштитните мерки за време на новогодишните празници, епидемиолошката состојба ќе се процени во понеделник на 18 јануари. Во случај на варирање на бројките, ќе се одлучи за други мерки. Но, за време на божиќните свечености и за Бадник, некои верници продолжија по старо со бакнување икони и причестување од иста лажица, како и со собирање без растојание во храмовите. Од друга страна, министерот Филипче е оптимист дека нема да има нов бран во текот на јануари, како што се очекуваше.

„Во однос на епидемиолошката состојба, можам да кажам дека е приближно стабилна, последните денови значително е намален бројот на пациенти на кои им беше потребна хоспитализација. Трендот на низок број на пациенти во болничко лекување сè уште се одржува низ целата земја, не само во Скопје. Верувам дека така и ќе остане. Верувам дека дури и овие прекршувања на мерките навистина не беа чести и не беа толку многу.“

Експертските проценки исто така ќе го диктираат и темпото на враќање кон нормалноста. Но, оние на кои најмногу им се брза за целосно отворање се бизнисите. Од Здружението на угостители бараат од следниов понеделник сите кафулиња и ресторани да работат до 23 часот. Ова барање ќе го разгледа Комисијата за заразни болести, но ќе се спроведе подоцна.

„Никакво помрднување на анти-ковид мерките нема да се случи пред 21 јануари. Тековните протоколи продолжуваат еден месец како што беа усвоени во пресрет на новогодишните празници. Тогаш ќе го разгледаме и барањето на угостителите дали локалите ќе бидат затворени во 21 часот или ќе продолжат да работат уште два дополнителни часа.“

Во меѓувреме, во земјава сè уште нема потврдени случаи со новата варијанта на корона вирусот. Здравствените власти соопштија дека детални анализи се вршат во МАНУ, а во случај да се откријат генетски мутации, јавноста ќе биде известена следната недела. Експерти пак, велат дека постои голем ризик новата мутација да е веќе меѓу нас поради зголемените патувања за време на новогодишните празници. Новата мутација во нашиот регион е веќе забележана во Србија, а европските земји каде е веќе регистрирана применуваат построги мерки.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button