ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Јовески: ЈО има потреба од млади и одговорни кадри

Во рамки на одбележувањето на 31 Март – Денот на македонското правосудство, јавниот обвинител Љубомир Јовески утрово оствари средба со учениците од Средното економско-правно училиште „Арсени Јовков“ од Скопје, кои оваа учебна година посетуваат практична обука во Јавното обвинителство.

Како што информира Јавното обвинителство, во разговорот Јовески им појасни на учениците дека овој датум се одбележува како ден на кој во 1945 година е донесена Повелбата на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија.

-Со Повелбата се основани 25 околиски судови, 3 обласни судови со седишта во Скопје, Штип и Битола, и Врховен суд со седиште во Скопје. Поради ова, 31 март 1945 година се смета за ден на основање на судовите, односно поставување на темелите на судството во Република Македонија, рече Јовески. Обвинителството, како дел од правосудниот систем и чие постапување започнало со основањето на судовите, исто така го одбележува овој ден.

Покрај тоа, државниот јавен обвинител со учениците разговараше за улогата на Јавното обвинителство во правниот систем и за потребното образование кое треба да го стекнат оние кои во иднина ја гледаат својата кариера како дел од обвинителството.

-Јавното обвинителство има потреба од млади и одговорни кадри, кои во иднина ќе дадат свој придонес за градење на оваа институција како дел од правосудниот систем на државата, рече Јовески.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button