ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Каде исчезна оптимизмот на Османи за старт на преговорите

Слаба информираност или пак лошо раководење со преговарачкиот процес е причината за контрадикторните изјави на шефот на дипломатијата Бујар Османи, поврзани со дијалогот со Софија?! Долгоочекуваниот почеток на преговори со Брисел, министерот го најави уште во средината на минатата година, но една година подоцна надежите повторно спласнаа.

Advertisements

„Сметам дека има сериозни прозорци на можност за решавање на спорот до крајот на оваа година и сите се ангажирани“, велеше Османи.

„Можам со вас да го споделам чувството дека верувам дека сме многу блиску до решение за изнаоѓање заеднички прифатливо решение“, оценуваше Османи.

„Ние сме избрани да водиме, не сме избрани да следиме емоции за да добиеме политички поени“, изјавуваше Османи.

Османи пред јавноста калкулираше и дали воопшто евентуалното решение ќе се најде на гласање пред пратениците, иако за тоа инсистираше и претседателот Пендаровски.

„Владите да го усвојат и со тоа сметаме дека тој патоказ, тој протокол е усвоен“, велеше Османи.

„Ништо не може да се случи без да помине низ сите филтри на одобрување и се разбира на крај да го добие и ова одобрување на Собранието“, говореше Османи.

Во однос пак на тоа што точно е на маса и кое е клучното бугарско барање за деблокада на евроинтегративниот процес, првиот дипломат повторно себеси се демантира. Тој уверуваше дека Софија не барала Бугарите да бидат дел од Уставот.

НОВИНАР: Немаат побарано Бугарите такво нешто?
Османи: Официјално не сум чул дека има…
НОВИНАР: Не, не, во разговорите Вие како министер на некој од состаноците…
Османи: Не, не, не сме разговарале за ова.

НОВИНАР: За внесувањето на Бугарите во Уставот, дали тоа ќе биде дел од преговарачката рамка?
Османи: Не можам тоа да го коментирам во моментов, меѓутоа токму тоа е прашањето кое го разговараме.“

Османи во меѓувреме очекуваше и одговор од Софија на предлог-документ со решение прифатливо за Скопје.

„Има еден таков документ којшто ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа се додека не добиеме одговор дека е тоа прифатлив документ и за Република Бугарија, сметам дека не се созреани тие предуслови да ги информирам пратениците“, кажа Османи.

„За време на средбата во месец февруари бугарската страна ги информира претставниците на РСМ, дека нивните предлози се неприфатливи и дека следува разговорите да продолжат“, соопштија од бугарското МНР.

Според неговата бугарската колешка пак, во македонското МНР има разногласие, едно зборувал Османи, а друго експертите од Министерството.

„Забележано е разминување, кое го гледаме во наративот на политичко ниво од страна на министерот Бујар Османи, кој пројавува конструктивност, со позициите на експертско ниво од МНР на РСМ“, стои во записникот од средбата Генчовска-Вархеји.

„Мислам дека е некоректно тој текст вчера да се прикаже поинаку. Таму се зборуваше за разликите во Бугарија, помеѓу бугарското МНР и нивната Влада, а не кај нас разлики“, тврдеше Османи.

Министерот за надворешни работи вчера имаше брифинг за процесот на приближување на земјата кон ЕУ – но овој пат наместо оптимизам, зборуваше за облак кој се спуштил над преговорите по провокацијата од бугарска страна со отворањето на културниот центар Ванчо Михајлов во Битола. До јунскиот самит остануваат помалку од два месеца, а Османи за првпат оцени дека големи се шансите Албанија да ги почне преговорите сама.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button