Касами: Тетовското Муфтиство незаконски собира пари

Продолжува судирот меѓу општина Тетово и Муфтиството. Додека од општината велат дека трговците во четврток, кога во Тетово е пазарен ден, не мора да плаќаат дневна кирија за користење на јавните површини, Муфтиството и натаму продолжува да им наплатува на трговците. Тетовското муфтивство на социјалните мрежи упати неколку петиции, за наводна поддршка на трговците кои сакаат да платат. Но, при денешната посета на трговците велат дека се под притисок и не знаат како да постапат. Тие велат дека биле принудени од муфтивството да ја потпишат петицијата.
„Плаќаме по 100 денари на ден. Овие ги добиваме од муфтијата. Општината 20 години не ни земала пари, сега овие да, но нека се договорат меѓу себе“.
„Плаќам 1.000 денари месечно, но и кога ќе дојдам овде 100-200 денари. Ни бараат пари, ние им ги даваме. Пред една недела дојдоа, дадовме потпис и толку, не знам веќе, направивме како што ни кажаа, потпишавме, што да правиме, друго не знам“.
„Потпишав ама не знам за што. Не знам што прават, за што сме потпишале, ни рекоа само потпишете дека парите ги давате на муфтивството и толку“.
„Ми пријдоа луѓе кои не ги познавам, потпишав, за кои немам поим“, рекоа продавачите.
И денеска, како и минатиот четврток, инспекторите и полицијата излегоа на терен да спречат наплата од страна на Муфтивството.
Првиот човек на општина Тетово, Билал Касами, го повтори ставот дека трговците не треба да плаќаат дневна кирија, а најави тужби против оние кои ја вршат оваа незаконска дејност.
„Општина Тетово им дозволи на граѓаните да користат јавни површини за продажба на нивните производи во четврток, но општината не овластила ниту еден орган да наплаќа, па така во четврток трговците можат да ги продаваат своите производи без никаква наплата ниту кон општината, ниту кон муфтиството. Нема документ дека Муфтивството организира наплата на пари од граѓаните, ова е незаконско и за ова ќе има соодветни мерки“, рече Касами.
Изјава побаравме и од тетовското муфтивство, поточно Ќани Несими, кој е обвинет дека собирал пари,но одговор не добивме.
Башким Сулејмани