Кичевчанец организирал борба со кучиња, полицијата ќе поднесе соодветна пријава

Против 45-годишниот Б. А. од кичевското село Зајас ќе биде поднесена соодветна пријава поради сомнение дека во текот на октомври годинава организирал настан со кучиња во атарот на кичевското село Букојчани, информираат од СВР Охрид и додаваат дека за случајот е известен надлежен јавен обвинител.
Од охридската полиција велат дека се преземаат интензивни контроли на целото подрачје на Охрид, Струга, Кичево и Дебар, со цел санкционирање лица организатори на борби со кучиња или други слични активности, што се во спротивност со Законот за заштита и благосостојба на животните.
„Според Законот за заштита и благосостојба на животните, забранета е вклученост, поттикнување, организирање, рекламирање, одржување и обложување на борби со животни, за какви било намени“, велат од СВР Охрид.
Досега, како што велат од СВР Охрид, до нив немало официјално доставена пријава за борба со кучиња, но упатуваат апел до граѓаните доколку забележат ваква појава, да пријават во најблиската полициска станица.